marina

ИНТЕРВЈУ СО МАРИНА МАКЕНАЏИЕВА: Животното осигурување е менаџирање на својата финансиска иднина

Марина е родена на 19.06.1983 во Скопје, а во 2008 година се стекнува со титулата дипломиран економист, на отсек Бизнис администрација и Менаџмент. Марина има 10 годишно работно искуство во финансиски институции. Својата професионална кариера ја започнува како еден од најмладите брокери на Македонска берза за хартии од вредност, за потоа кариерата да ја продолжи како извршен директор во Друштво за застапување во осигурување. Во компанијата Винер Лајф е од Март 2011 година, каде најпрво работи како Менаџер за големи клиенти, а од Септември 2013 година ја извршува функцијата Менаџер на продажба на внатрешната мрежа.Компанијата за животно осигурување Винер Лајф е основана во 2010 година од страна на Vienna Insurance Group (ВИГ). Kако дел од моќната осигурителна групација, Винер Лајф веднаш почнува со имплементација на строгите и прецизни австриски деловни принципи, што станува главно обележје на компанијата и сé поголем број на клиенти се решаваат да ги искористат привилегиите на оваа компанија.

Во продолжение Ви го пренесуваме целосниот разговор, каде го презентиравме концептот на животното осигурување, досегашниот успех на компанијата, како и предностите на клиентите од склучувањето на договор за животно осигурување во Р. Македонија.


Банкарство: Винер Лајф на пазарот за животно осигурување во Македонија постои од 2011 година. Кои беа првичните планови и цели на Вашата компанија и дали по изминувањето на речиси 5 години може да се каже дека Винер Лајф ги постигнува планираните резултати?

Марина Макенаџиева: На самиот почеток влеговме во пазарот врз основа на една студиозно спроведена анализа, затоа што нудевме производ кој што веќе постоеше на пазарот, иако сè уште беше новина за клиентите и тоа бараше навистина убаво дефиниран и прецизиран пристап. Покрај веќе постоечките две компании што го нудеа истиот производ, моравме да најдеме соодветен пристап, уникатен, што ќе го издвои нашиот производ од останатите. Развивме филозофија дека животното осигурување не е табу тема што треба да се избегнува, туку е давање дополнителна вредност на животот и вносно инвестирање во иднината. Со верба во квалитетот на нашиот производ, со филозофија и концепт во кој што граѓаните почнаа да веруваат се претставивме на пазарот. Оваа наша стратегија се покажа како одличен избор и придонесе, уште првата година по нашиот влез на пазарот животното осигурување да покаже пораст и истата тенденција продолжува и понатаму. Тоа несомнено говори за влијанието што Винер Лајф го има врз пазарот како и врз менувањето на свеста на граѓаните за перцепцијата врз овој вид на осигурување. Во текот на 2015 година врз основа на детално изработени анализи за потребите на пазарот, земајки го во предвид и развојит на пазарите на животно осигурување во поразвиените земји, презентиравме 2 нови производи со што го потврдивме статусот на најиновативна компанија која ги прати европските трендови.

Банкарство: На што се должи досегашниот успех на Винер Лајф како осигурителна компанија во доменот на животното осигурување ?

Марина Макенаџиева: Имаме одлични продукти, создадени, креирани и дизајнирани соодветно на потребите на граѓаните. Винер Лајф има понуди за сите потреби на граѓаните – од индивидуални пакети скроени во зависност од потребите и желбите на корисникот, до колективни односно семејни. Секој може да ја избере понудата која смета дека е најсоодветна за него и неговото семејство , во зависност од потребите и финансиските примања на клиентот. Како дел од нашата корпоративна култура развивме постојана достапност и директна комуникација со клиентот. Успехот се должи и на довербата што граѓаните ја развија кон нашата компанија како дел од Vienna Insurance Group (ВИГ), која пак е водечко име на полето на осигурувањето во Австрија, но исто така и во Централна и Источна Европа. Групацијата поседува над 50 компании во 25 земји и зад себе има долгогодишна традиција, силни брендови и блиска поврзаност со корисниците. Исто така го користи и речиси 190 годишното искуство во осигурителниот бизнис, како know how. Тоа се трите столбови врз кои се гради успехот, квалитетни производи, достапност и компанија што поседува знаење, традиција искуство.

Банкарство: Под претпоставка дека дел од нашите читатели не се запознаени со предностите кои ги нуди животното осигурување, како би им го презентирале животното осигурување ?

Марина Макенаџиева: Животното осигурување е добар начин за заштеда за иднината, како и обезбедување на финансиска сигурност за своето семејство, во поодминати денови. Системот е направен така што самиот клиент одлучува кога ќе ги искористи парите од повеќе годишното животно осигурување односно штедење. На овој начин ние гледаме на позитивната страна, животното осигурување е потреба во случај на несреќа да го заштитите вашето семејство и најблиските, но исто така полисата за животно осигурување е лично ваша финансиска сигурност. Винер Лајф нуди голем избор на различни пакети, сите тие пакети имаат и различна цена што овозможува можност за секој граѓанин кој сака да купи полиса, да може да си ја дозволи. Со нашите производи се опфатени сите можни групи, почнувајќи од семејниот, 3Д кој е еден од најпопуларните производи, ризико, профит, детско, осигурување поврзано со инвестирање во инвестициски фондови итн, имено сакам да кажам дека соодветно на потребите и желбите за секој клиент поодделно може да се најде соодветен производ. Во досегашното наше работење имавме клиенти со осигурена сума од само 1.500 ЕУР но имавме и клиенти чија осигурена сума изнесуваше 1.500.000 ЕУР. Нашата стратешка цел е да бидеме препознаени како компанија која нуди производи за сите граѓани бе оглед на нивните потреби и финансиски можности.

Банкарство: Што е она што Ве издвојува во однос на конкуренцијата? Зошто сметате дека клиентите треба да ја дадат својата доверба токму на Винер Лајф ?

Марина Макенаџиева: Затоа што за краток период успеавме да стекнеме доверба кај клиентите. Винер Лајф е компанија која што влезе на пазарот кога доминантните компании во животно осигурување веќе се имаа позиционирано, далеку подолго време присутни и имаат остварено значителен пазарен удел. Но, ние за кратко време успеавме да се избориме за нашиот дел од пазарот и тоа се должи на нашата позитивна филозофија, отворен пристап, квалитетни производи и исклучително брзо и ефикасно решавање на оштетните побарувања на што сме посебно горди. Припадноста кон голема групација ни дава на располагање сигурност, стабилност, долгогодишно искуство, традиција и знаење. На крај но не помалку важно Винер Лајф претставува компанија со голема перспектива, одлична екипа, со млади и едуцирани кадри кои имаат голем потенцијал, а граѓаните знаат тоа да го препознаат и да го ценат. За краток период успеавме нашите вкупни вложувања во финансиски инструменти да го надминат износот од 7.000.000 ЕУР, што им гарантира исклучителна сигурност на нашите клиенти.

Банкарство: Каква е состојбата на пазарот на животното осигурување, ако се споредиме со европските земји ? Вашата компанија е со потекло од Австрија, дали може да се направи споредба на сегментот за животно осигурување помеѓу Македонија и Австрија ?

Марина Макенаџиева: Како што напоменав потребата од едукација за потребата на овој концепт на осигурување се уште трае во нашата земја и мора интензивно да се работи на истото што не е случај со земјите од регионот. На пример, во Австрија се регистрирани поголем број на полиси за животно осигурување, отколку број на граѓани, што говори за високата свесност на австријците за важноста на поседување на полиса за животно осигурување. Во Србија и Хрватска, стапката на пораст на полиси за животно осигурување исто така бележи рапиден пораст и повеќе од 20% од популацијата се корисници на одреден производ за животно осигурување. Сепак, оптимисти сме дека и во Македонија граѓаните се повеќе ќе стануваат свесни за оваа потреба.